Рама: Ќе се сретнам со Курти, има потреба од нов поттик во односите меѓу Албанија и Косово

113
ФОТО: EPA-EFE /FILIP SINGER

Албанскиот премиер Еди Рама во наредните денови ќе се сретне со Албин Курти, победникот на предвремените парламентарни избори во Косово, одржани на 6 октомври.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се сретне со Курти, Рама рече дека ќе се сретне деновиве и оти се согласува со ставот на Курти дека има потреба од нов поттик во односите меѓу двете држави.

– Ќе се сретнеме во деновите што доаѓаат, на негово барање. Со нетрпение ја очекувам средбата. Со внимание ги следам неговите изјави и се согласувам дека има потреба од нов поттик во односите меѓу двете земји и постигнатите договори. Со новата косовска влада се надевам дека ќе ги пополниме празнините создадени од претходната влада – изјави Рама.

Тој рече дека и Косово и Албанија треба да имаат државни министерства кои ќе се занимаваат со односите меѓу двете земји.

– Имам неколку нови предлози што ќе му ги дадам. Мислам дека треба да формираме државни министерства за соработка меѓу двете земји, кои ќе го следат спроведувањето на договорите и да оценуваат што треба понатаму да се прави, со цел да се подобрат односите и соработката. Се надевам дека Курти ќе преземе одговорност и ќе премине од опозициската поезија во проза на управување – рече шефот на албанската Влада.

Тој додаде дека со големо задоволство ќе дискутираат и за „новите идеи на Албин“.

Фото: EPA/EFE /FILIP SINGER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...