Рама ја обвини опозицијата дека не посакува убави нешта, ами „само проблеми, јајца и боја“

90
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Албанскиот премиер Еди Рама од градот Либражд порача дека локалните избори во јуни ќе се одржат, со или без опозицијата.

На средба со граѓаните, во рамки на владиниот проект „За општина каква посакуваме“, Рама истакна дека обврска на владејачкото мнозинство е да не го спречува некого да учествува на изборите, но не и со сила да го принуди да учествува во изборната трка.

Но, според него, доколку опозицијата учествува на изборите ја очекува изборен дебакл, но и ако бојкотира, премиерот рече дека ќе ги преземат сите општини и ќе владеат многу подобро.

– Велат дека не учествуваат на изборите. Не учествувајте. Ние на избори ќе бидеме со оние кои ќе учествуваат, но и да не учествува никој друг, живееме во демократија. Важно е да не се спречи некој да учествува на изборите, но не со сила да ги тераш луѓето на избори. Се обидовме еднаш, го зедовме на сила Лули (Љуљзим Баша), му дадовме се што посака, ни вети дека доколку изгуби на избрите ќе биде мирен и нема да излезе да ја направи Албанија партал во ушите и очите на странците, но не го одржа зборот – нагласи Рама.

Тој ја обвини опозицијата дека не посакува убави нешта, туку „само проблеми, јајца и боја“, посебно, како што рече црна боја, алудирајќи на црната боја со која приврзаниците на опозицијата ја обоија зградата на МВР во Тирана.

Пред влезот во Либражд, група граѓани и симпатизери на опозициската Демократска партија се обидоа да го блокираат влезот на придружбата на Рама во градот, но по интервенција на полицијата тие се разотидоа. Приведени се пет лица.

ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...