Албанскиот премиер Еди Рама се наоѓа во ненајавена посета на Турција, каде се сретнал со шефот на турската држава Реџеп Тајип Ердоган.
Нема детали за целта на посетата, ниту за тоа што разговарале Рама и Ердоган. Веста албанските медиуми ја дознале од официјалната страница на турскиот претседател каде се објавени фотографи од средбата.
Опозициската Демократска партија побара објаснување за „заминувањето на премиерот од земјата“.
– Премиерот треба да даде објаснување зошто патувал, каде се наоѓа во овие денови на сенародни протести во земјата. Доколку сака да се советува за она што се случува во Албанија, тоа треба да го стори со претставници од Западот и ЕУ каде ние стремиме да одиме и чии стандради треба да ги имплементираме – го пренесе ставот на партијата Тритан Шеху, пратеник и поранешен шеф на албанската дипломатија.
Според него, доколку европските претставници му ја затвориле вратата, тогаш тоа е трагично, ако пак отпатувал поради други причини, обврзан е јавно да каже „што е тоа толку силно што го принудило да ја остави земјата во овие моменти“.
Во вакви моменти, додаде Шеху, секој западен функционер доколку бил надвор од земјата ќе се врател назад.
Во земјата неколку дена протестираат студентите, кои и денеска и порачаа на Владата дека нема преговори, туку еднствено исполнување на нивните барања. Повеќе од еден месец секојдневно протестираат жителите од населбата „Астер“ во Тирана чии домови треба да се урнат заради реализација на проектот за изградба на големата обиколница.
ФОТО: EPA-EFE /FILIP SINGER