Рама: Кога претседателот полудува во име на народот реагира парламентот

66
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Албанскиот премиер и лидер на владејачката Социјалистичка партија, Еди Рама од изборен митинг во градот Дивјак порача дека одлуката на претседателот на Албанија, Илир Мета да ги одложи локалните избори е до сега непознат чин во историјата на светското владеење.

Рама нагласи дека Парламентот е должен да реагира во име на народот кога претседателот „полудува“, оценувајќи дека Мета го изгубил правото да остане во канцеларијата на претседателот на Републиката.

– Илир Мета презеде чин кој е непознат во историјата на светското владеење. Потпишува указ за избори, па го поништува. Ако светот влезе во логиката на Илир Мета, така што потписот на кој било авторитет би можел да се врати, не би постоела држава, правило, насока, туку целиот свет би бил една голема гунгула – изјави Рама.

Тој посочи дека ова ќе остане само грдо и неодговорно дело што не може да се прифати или толерира.

– Илир Мета го изгуби правото да остане во канцеларијата на претседателот на Републиката, се додека моќта на народот е во Парламентот и се додека Парламентот има должност да реагира во име на народот доколку претседателот полудува – порача Рама.

Тој ја обвини опозицијата дека се плаши да излезе пред народот, се плаши од избори, од одмерување на силите и од правосудните реформи.

Инаку, на денешната пленарна седница на албанскиот Парламент на дневен ред е барањето за импичмент на претседателот Мета.

ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...