Земјоделците кои произведуваат жестоки алкохолни пијалоци од овошје и грозје (ракија) наменети за продажба ќе плаќаат акциза од 30 денари за секој продаден литар со јачина од 45 отсто алкохол. Ова го предвидува Предлог-законот за акцизите кој го подготви Министерството за финансии и е веќе поставен за дискусија на Националниот електронски систем на прописи (ЕНЕР).
Според предлогот, максимално дозволена количина на годишно производство е 1000 литри чист алкохол.
Предлог-законот предвидува земјоделецот пред да започне со дестилирање на овошјето да ја извести царинската управа дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точната дата и време во кое ќе се одвива производството без прекин, место на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок и планираната количина на акцизни марки.
Законот го регулира и пакувањето на алкохолот и лепењето на акцизната маркичка.
„Жестоките алкохолни пијалоци произведени од страна на земјоделците се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи и за продажба во угостителски објекти“, стои во предлог-законот за акцизи.
Земјоделецот исто така е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка која треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора да се оштети.
Плаќањето на акцизата е планирано по завршување на производството со поднесување акцизна декларација.
Земјоделецот ќе треба и да го означи пакувањето со специјална етикета во која е наведено дека жестокиот алкохолен пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза. На етикетата треба да се наведе сериски број, името и адресата на производителот, процентот на алкохол, видот на производот, како и бројот од решението од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.
Доколку земјоделецот произведе жестоки алкохолни пијалаци над 1000 литри чист алкохол ќе треба до царински орган да достави изјава со податоци за вкупно годишно производство на жестоки алкохолни пијалаци. Надлежниот царински орган со решение ќе ја утврди и пресмета акцизата на разликата од количината која е произведена над пропишаната.
Според Министерството за финансии цел на новото законско решение е усогласување со европското законодавство и подобрување и промена на системските решенија поврзани со акцизите.
„Целта на Предлог-законот е усогласување со директивите на Европската Унија од областа на акцизите. Воедно, во Предлог-законот се предлагаат нови системски решенија кои ќе стапат во сила со денот на применување на Предлог-законот, модифицирани системски решенија во однос на постојниот Закон за акцизите кои ќе стапат во сила со денот на примена на Предлог-законот, како и нови системски решенија кои ќе се применуваат со влез на Република Македонија во ЕУ“, посочуваат од Министерството за финансии.