„Разузнавачки извештаи“ и „Свињите“ објавени на македонски јазик

Станува збор за „Свињите“ од Феликс Бруцоне, прогласен е за еден од десетте најважни автори во последната декада од страна на најтиражниот аргентински весник „Кларин“, и „Разузнавачки извештаи“ од Хорхе Асис, најдобриот писател на политички романи во Аргентина.

123

Издавачката куќа „Прозарт Медиа“ објави два романи од двајца врвни аргентински автори на македонски јазик. Станува збор за „Свињите“ од Феликс Бруцоне, прогласен е за еден од десетте најважни автори во последната декада од страна на најтиражниот аргентински весник „Кларин“, и „Разузнавачки извештаи“ од Хорхе Асис, најдобриот писател на политички романи во Аргентина.

Во романот „Разузнавачки извештаи“ сè е лукаво и со две острици. Исто како и оние разузнавачки извештаи што ги разменуваат агентите на тајните служби, а кои ја обликувале темната позадина на еден период од аргентинската историја. Како идеална тема за проникнувачката и застрашувачка проза на Хорхе Асис, „Разузнавачки извештаи“ првпат е објавен во 1987 година, но е зачудувачки актуелен и релевантен и денес. Во овој роман може да се прочитаат затскриените интриги и заплети кои ја распарчуваат Аргентина, буквално и метафорично.

Бруцоне, пак, во својата книга „Свињите“ сугерира свет на целосна слобода или бес, реалност која се граничи со апсурдот. Па така, марсовци, зајачици и лудо киднапирање се само некои од елементите во овој фиктивен универзум. Во оваа пародија за киднапирање и исчезнување – „свињите“ е колоквијален термин за луѓето кои исчезнаа за време на аргентинската диктатура во 1970-тите. Авторот Феликс Бруцоне ја раскажува судбината на две девојки, кои веруваат дека се киднапирани и бараат засолниште, приближувајќи се кон млад човек кој во тој момент го носи ѓубрето надвор. Енди се согласува да ги заштити девојките, но плашејќи се од можните реакции на неговата сопруга, тој одлучува да ги чува како тајна во просторијата каде што вежба караоке. Чичко Гордини е соучесник на Енди низ целата приказна, а заедно, двете девојки и нивните чувари – или киднапери? – ќе доживеат низа авантури кои пркосат на каква било логика или судбина.

Двете книги се пуштени во продажба преку онлајн книжарницата КупиКнига.мк и домашните книжарници.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...