Работниците на РЕК Битола ќе доаѓаат на работа со еко автобуси

Според првиот човек на АД ЕСМ Васко Ковачевски со набавката на новите, еколошки автобуси за превоз на работниците од РЕК Битола, ќе бидат постигнати повеќе цели врзани со безбден превоз, еко придонес и други придобивки.

101

АД ЕСМ објави јавен повик за купување на шест нови автобуси за превоз на работниците во РЕК Битола. Автобусите ќе бидат еколошки, со погон на CNG, односно метан. За новите еко-автобуси предвидени се 88 милиони денари, средства на АД ЕСМ, изјави генералниот директор Васко Ковачевски за време на денешната посета на РЕК Битола.

– Ова е прва ваква набавка на автобуси од 2000 година. Дел од автобусите кои и денес се користат за превоз на работниците биле набавени како половни во 2014 година. Тоа доволно зборува за катастрофалната состојба во која се наоѓа автобускиот возен парк на РЕК Битола, истакна Ковачевски.

Според првиот човек на АД ЕСМ, со набавката на новите, еколошки автобуси за превоз на работниците од РЕК Битола, ќе бидат постигнати повеќе цели врзани со безбден превоз, еко придонес и други придобивки.

– Прво ќе биде зголемена безбедноста и квалитетот на превозот на работниците од РЕК Битола кои работат во исклучително тешки услови и во рудниците и во термоелектраната. Тие тоа го заслужуваат. Второ, од еколошки аспект, автобусите кои сега ги превезуваат работниците многу ја загадуваат животната средина и не ги исполнуваат минималните еколошки стандарди. Граѓаните со право реагираат. И мене како на битолчанец, не ми е пријатно кога ги гледам низ улиците на Битола. И трето, со набавката на новите автобуси, АД ЕСМ и РЕК Битола ќе ја потврдат општестевната одговорност кон општините Битола, Новаци и Могила. Овие автобуси кога нема да превезуваат работници на РЕК Битола, согласно законската регулатива, ќе вршат превоз на ученици, студенти, во вторник и петок пензионери, спортски клубови, членови на здруженија и невладини организации. И сето тоа, секако во согласност со нашите можности – посочи Ковачевски.

Директорот на комбинатот Златко Ќурчиевски додаде дека набавката на новите автобуси на природен гас за РЕК Битола е исполнување на уште едно ветување со цел подобрување на условите за работа во комбинатот, намалување на трошоците за работа и заштита на животната средина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...