Странските инвеститори обично своите одлуки да инвестираат во некоја земја ги засноваат на цела серија фактори, како што е политичката стабилност, транспарентните правни системи, соодветната инфраструктура и даночна политика, додека субвенциите и другата поддршка обично не се клучни аспекти при донесување на ваквите одлуки. Тоа, секако, треба да го имаат предвид и креаторите на економските политики во земјата.
Како еден од клучните фактори е и достапноста на квалификувана работна сила, без која не може да се замисли процесот на производство. Токму недостатокот на квалификувани кадри е проблем од кој се погодени сите индустрии, бидејќи се` поголем е бројот на странски компании кои алармираат дека заради овој проблем е доведен во прашање континуитетот во развојот на бизнисите, а и на македонската економија, која се бори на сите начини да обезбеди повисок економски раст.
Масовната миграција на работоспособното население и недостатокот на работна сила беа тема на разговор на работната средба помеѓу компаниите-членки на Советот на странски инвеститори и претседателот на Владата Зоран Заев, одржана на 11.12.2019 година во Стопанската комора на Македонија.
Како што истакна претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, сѐ поизразениот проблем со недостигот на работна сила претставува главен предизвик на странските компании кои работат во земјава, којшто претставува пречка за реализација на проектираните бизнис планови. Иселувањето, особено на младото работоспособно население е дополнителен проблем, на чие решавање треба да се работи преку овозможување подобро платени работни места, но и преку системска поддршка и креирање мерки за создавање нови можности за вработување и подобрување на условите и квалитетот на животот во земјава.
Заеднички беше констатирано дека проблемот со недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија. И многу земји во развој од регионот на Југоисточна и Централна Европа во изминативе години се соочуваат со забрзано иселување и намалување на работната сила. Но, овој проблем е дотолку потежок за Македонија, со оглед дека сме мала земја со далеку поголеми ограничувања, кога станува збор за човечките ресурси.
Премиерот Заев посочи дека за да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители и третирање на наведениве прашања и предлози како клучни приоритети.
– Заедничка задача на сите е да ги зголемиме продуктивноста и конкурентноста на домашното стопанство, ако сакаме да донесеме економски живот за сите граѓани и младите да останат во земјава, а компаниите, било да се домашни или странски, да бидат задоволни и мотивирани да инвестираат. А датумот за преговори сигурно нема ништо да промени, ако сето ова не си го решиме самите ние – поентираше Заев. Едно од решенијата кое првично се наметнува се програми за преквалификација и доквалификација и стимулативни мерки за зголемување на вработеноста, привлекување работници во гранките на индустријата и создавање на повисоко платени работни места.
Компаниите од Советот на странски инвеститори посочија дека висината на платата не е единствената причина за заминувањето, туку особено влијание врз овој процес имаат економската и политичката нестабилност, ограничените можности за професионален развој, несоодветните или ограничените урбани услуги и инфраструктура (вклучувајќи ги здравството, образованието, комуналните услуги и друго), недостаток на доверба во институциите на системот, нефункционална администрација…
Како дел од можните решенија за овие проблеми, кои ги посочија компаниите – членки на Советот на странски инвеститори се следните:
- развивање функционални модели за трансфер на вработени од јавниот во приватниот сектор кои истовремено ќе бидат атрактивни и за работодавачите и за работниците;
- модели за поттикнување на вработувањето лица со понизок степен на образование или без квалификации;
- мерки за спроведување масовни кампањи за подигнување на јавната свест за придобивките од работа во земјава, односно кампањи кои би имале за цел да ги мотивираат граѓаните својата иднина да ја проектираат во рамките на матичната држава;
- мерки кои овозможуваат и определени даночни олеснувања за младите лица кои остануваат да работат или основаат и водат успешни стартапи во земјава и можат да продаваат стоки и услуги на странските инвеститори, по примерот на Хрватска и Полска, или определени мерки за државна помош за работа во земјата на вратените иселеници, по примерот на Шпанија и Португалија, како стратешки програми за враќање на работоспособното население во државата;
- олеснување на административниот товар на микро-стартап компаниите што ги водат млади претприемачи, по пат на нивно издвојување од средните и големите компании во законодавството во смисла на нови и олеснети закони за таквите субјекти;
- проширување на можностите за професионален развој;
- преиспитување на потребата од постоење агенции кои посредуваат при вработување во странство, воведување повисоки критериуми за нивно основање и ефикасно спречување на случаите на измами на овој план;
- регионален пристап при доделување државна помош за креирање и одржување на нови работни места – значително повеќе средства за компаниите надвор од главниот град.
Исто така, се отвори и прашањето за увоз на работна сила од трети земји, по примерот на земјите од нашето соседство и регионот кои веќе го направија тој потег, за што премиерот Заев информираше дека Владата во наредниот период ќе излезе со конкретни мерки и решенија, со кои ќе се олесни ангажирањето на работници од странство.
Заеднички заклучок од средбата со премиерот е дека овие прашања се од стратешки државен интерес, а секако се и од интерес и за странските инвеститори и за домашните компании, поради што во наредниот период ќе се посвети посебно внимание на донесување заедничка стратегија, која во најмала рака ќе ги превенира последиците од масовната миграција на работоспособното население од земјава и од недостигот на креативни и продуктивни работници.
ИЗВОР: Стопанска комора