Иако сега не е баш тренд да се јаде пченица зашто нели, во моментов исхраната без глутен е една од најпопуларните во светот, пченицата за оние кои немаат проблем со глутенот е корисна и здрава.
Долго време пченицата ми беше само асоцијација за умирачки и евентуално, за слави. Иако единствените кои ги знам а кај кои сѐ уште за православни празници и слави се служи варена пченица, се брат ми Стефан и снаа ми Ана. И токму тие ме навлекоа да почнам да ја јадам без гореспоменатите причини, само зашто ми е ќеф.
Тие често ја јадат за време на постите, онака, само сварена и помешана со мед. Вкусна е и така, а тоа е и наједноставниот и најбрз начин за подготвување. Додека пак вака изблендирана или смелена, како што се подготвува за специјални пригоди, сепак бара малку повеќе време и повеќе валкани садови.
Ама и тоа не е ништо во споредба со правењето комплицирани торти со триста филови, шлагови и креми, полни со шеќер и холестероли. А згора на сѐ, пченицата е барем и здрава, а во комбинација со мелени ореви, мед, цимет и морско оревче, може да биде највкусен десерт, ама и здрав појадок, вечера или ужина.
Повеќе за ова на порталот „Арт кујна“.