„Пуцко Петрол“ најмногу се офајдила од општинските тендери лани

Компанијата „Пуцко петрол“ од Пласница лани склучила 29 договори за продажба на нафтени деривати на општините во вкупна вредност од околу 3 милиони евра.

304

Нафтената компанија „Пуцко петрол“ и градежните компании „Бауер БГ“ од Скопје и „НБ-компани“ од Тетово добиле најголем дел од колачот на јавни набавки по општините, покажува базата на податоци изработена од Центарот за граѓански комуникации кој со години ги следи јавните набавки.

Компанијата „Пуцко петрол“ од Пласница лани склучила 29 договори за продажба на нафтени деривати на општините во вкупна вредност од околу 3 милиони евра. Во нејзиниуот приход најголемо учество 48,2 отсто имаат тендерите кои ѝ ги добила  општините Гостивар и Битола (20,1 отсто).

Градежната компанија „Бауер БГ“ која е втора на листата, лани преку јавните набавки на општините заработила 2,3 милиони евра.Оваа компанија најмногу работела за Град Скопје каде што добила 31,6 отсто од тендерите.

Треторангираната компанија „НБ-компани“ од јавните набавки во општините инкасирала вкупно 2 милиони евра и тоа само од општина Тетово каде што се реализирани сите тендери на кои работела компанијата.

Најмногу договори со општините лани имал „Макпетрол“ 39. Го следат „Рики јуниот“ со 35 и „Пуцко компани“ 29 договори.

Според податоците, општините и Градот Скопје во 2017 година склучиле 2 737 договори за јавни набавки во вкупна вредност од приближно 80 милиони евра. Вредноста на набавките на стоки, услуги и работи од единиците на локална самоуправа во 2017 година е помала од претходната година за 62 милиони евра.

Градот Скопје е на врвот и според бројот и според вредноста на договорите. Притоа, во 2017 година Скопје склучило 153 договори за јавна набавка во вредност од околу 10 милиони евра, што е за 6 милиони евра помалку од претходната година.

Втора на листата според вредноста на склучените договори за јавни набавки лани е скопската општина Аеродром со потрошени 4,7 милиони евра или 5,9 отсто од вредноста на сите општински тендери. На третото место, пак, според вредноста на тендерите во 2017 година е општина Куманово со потрошени околу 4,4 милиони евра, што е за 20,7отсто помалку од 2016 година.

На дното, пак, според бројот на договори е општина Градско, а според вредноста на договорите општина Пласница. Градско има склучено само 3 договори во вредност од околу 56 илјади евра, а Пласница, пак ,има 4 договори, но во вредност од само 21 илјада евра. Притоа две општини, Ранковце и Шуто Оризари, немале ниту еден договор за јавна набавка.

Најмногу од парите за тендери во општините оделе за работи (58 отсто), потоа 26 отсто за услуги и само 16 отсо за набавка на стоки.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...