Путин: Тешко се комуницира со Порошенко

220
ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека не е против состанок со украинскиот претседател Петро Порошенко, но дека со него е тешко да се комуницира.

– Што се однесува до контактите на највисоко ниво, не сум против нив. Вистина е дека немаше разговор, но тоа не значи дека го прекинуваме секој контакт. Меѓутоа тешко е да се комуницира, бидејќи е нејасно за што треба да зборуваме – истакна Путин, на прес-конференцијата на Самитот на Г-20.

Посочи дека договорите меѓу Рисија и Украина не се испочитувани, нагласувајќи дека Русија ќе ги одржува односите со Украина во секој случај.

– Ги одржуваме работните контакти, секако. Се надевам дека тоа така и ќе остане – истакна тој.

Наведе дека Киев ја користи војната во југоисточниот дел на Украина за да ги прикрие сопствените пропусти во внатрешната политика.

Изјави дека Киев на е заинтересиран за решавање на ситуацијата во Донбаш, особено по мирен пат.

– Ги известивме странските лидери за тоа како се одвиваше ситуацијата кога бродовите на украинската морнарица ја повредија руската државна граница во Црното Море. Тешко е тоа да се противречи – потенцираше Путин.

Се осврна и на воената состојба што Киев, по инцидентот, ја прогласи во 10 украински региони.

– Прогласија воена состојба во 10 региони, во они каде претседателот нема голема поддршка. Тоа значи дека украинската Влада ја поделила земјата на два дела – дел на кој може да му се верува и дел на кој не може да му се верува – објасни рускиот претседател.

Забележувајќи дека Украина не прогласила воена состојба порано, кога случувањата во таа земја беа многу пострашни, Путин заклучи дека одлуката на Порошенко е поврзана со претстојните избори во земјата.

ФОТО: EPA / ALEXEY NIKOLSKY / SPUTNIK / KREM

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...