Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг на денешната средба ќе разговараат за актуелни меѓународни теми, вклучително и за Северна Кореја, Иран и Венецуела.
– Што се однесува на меѓународната агенда, двата претседатели ќе разговараат за сите актуелни прашања. Ставовите на Кина и на Русија за важните меѓународни прашања или во целост се поклопуваат или се слични – изјави синоќа советникот на Путин, Јуриј Ушаков.
Тој како предвидени теми за разговор ги посочи ситуацијата на Корејскиот Полуостров и во Венецуела, потоа иранската нуклеарна програма, договор за Сирија, соработката во азиско-пацифичкиот регион, како и односите на Русија и Кина со големите западни сили, меѓу кои и САД.
– Москва и Пекинг активно го поддржуваат политичко-дипломатското решение на проблемите на Корејскиот Полуостров, како механизам за осигурување на мир и безбедност во североисточна Азија. Руско-кинеската патна карта за решавање на овој проблем е активирана во пракса – истакна Ушаков.
Лидерите планираат да разговараат и за Заедничкиот сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), кој е постигнат за нуклеарната програма на Иран.
– Ние заедно со Кина сметаме дека овој план ефикасно и во целост обезбедува мирнодобска примена на иранската нуклеарна програма и воопшто придонесува за контрола на вооружувањето. И секако дека е потребно да се види дали овој главен документ функционира во пракса – наведе Ушаков.
Путин и Си по разговорите во Кремљ ќе присуствуваат на церемонијата на предавање на две големи панди на Московската зоолошка градина, а за вечерва е предвиден свечен концерт во Болшој театар по повод 70 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете држави.
ФОТО: EPA / VALERIY SHARIFULIN / SPUTNIK / K