Филмот „Путиновите сведоци“ на Витали Мански денеска во 20 часот ќе се прикаже во рамки на фестивалската програма на „Киненова“. На проекцијата ќе присуствува и режисерот кој по прикажувањето ќе ѝ биде на располагање на публиката да одговара на прашања.
Настаните во филмот започнуваат на 31 декември 1999 година, кoга во Русија се избра нов претседател. Документарниот филм е базиран врз уникатните документирани сведоштва за вистинските причини и последици од операцијата „Наследник“, по кои Русија го испрати во заборав претседателот кој владееше со земјата. Главни протагонисти во филмот се Борис Елцин, Михаил Горбачов, Владимир Путин и руската нација, која отсекогаш била нем сведок на својата судбина. Филмот на Мански е редок автентичен поглед врз младиот Путин и големата политичка машинерија зад него која му донесе огромна моќ.
Пред „Путиновите сведоци“, на програмата од 18 часот е филмот „Сомнеж“. Тој се прикажува во чест на Јесин Устаоглу, мошне плодна и успешна турска авторка, која годинава е член на жирито на фестивалот.
„Сомнеж“ е засега последниот и најзрелиот филм на Устаоглу од 2016 година, во кој таа на супериорен начин ја плете приказната околу две Турчинки, едната притисната од традиционалните вредности во општеството, а другата модерна и ослободена од сите морални стеги. Сепак, тие делат многу повеќе заеднички нешта отколку што се чини на почетокот од нивното пријателство.
За крај на фестивалскиот ден е предвиден уште еден филм од официјалната селекција. Станува збор за „Сократес“, бразилски филм во режија на Алешандре Морато.
По ненадејната смрт на неговата мајка, 15-годишниот Сократес се обидува да се снајде на маргините на Сао Паоло, избегнувајќи ја службата за малолетни лица и прифаќајќи разни работи за да може да преживее. Во оваа наградувана драма на режисерот Алешандре Морато ќе се сретнете со темната страна на велеградот и тајните катчиња кои кријат стапици што треба да се избегнат по секоја цена. Во тие моменти на сцена стапува и потиснуваното либидо, кое сака да вреска и да се ослободи од прангите!