Руски суд им одреди парична казна во висина од 1.500 рубљи (околу 20 евра) на музичарките од феминистичката панк група „Пуси рајот“ и на основачот на уметничката платформа „Војна“ за незаконско носење полициски униформи.
Олга Пахтусова, Вероника Никулшина и Олга Курачева од „Пуси рајот“ и Пјотр Верзилов од „Војна“ облечени во полициски униформи на 15 јули истрчаа на теренот на стадионот „Лужники“, додека се играше финалниот натпревар на Светското првенство меѓу Хрватска и Франција.
Освен паричната казна тие добија и забрана да посетуваат спортски и друг вид на масовни настани во следните три години.
Четворицата пред Судот рекоа дека не се чувствуваат виновни и дека протестот бил инспириран од поетот Дмитриј Пригов, кој во своите дела го опишува ликот на „праведниот небесен полицаец“.