Ќе се формира заеднички тим од експерти од Македонија и од Бугарија за да се соработува на проектот за железничката пруга на Коридорот 8, објави домашното ЈП за железничка инфраструктура по средбата на директорот Фестим Халили со неговот бугарски колега Красимир Папукчиски, што се одржа во Софија.
Халили и Папукчиски на состанокот во канцелариите на Бугарските железници во Софија разговарале за продолжување на соработката меѓу двете железнички компании насочени кон железничката врска со Бугарија преку Коридорот 8.
„На средбата беше презентирана досегашната работа на Бугарските железници и се планира да се формира заеднички тим од експерти помеѓу двете земји, со цел да се соработува на железничкиот проект на железничката пруга на Коридорот 8. Генералниот директор на Националното претпријатие за железничка инфраструктура на Бугарија Красимир Папукчиски вети дека во блиска иднина и тој исто така ќе ги посети Македонските железници“, стои во објавата на веб страницата на ЈП Железничка инфраструктура, Железници на РСМ.
Железничкото поврзување на двете држави се планира за 2023 година. Прогресот на работите на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово-Бељаковце, на крајот на минатата година изнесуваше 65 проценти, а надлежните институции ветија дека ќе биде готова во втората половина од годинава. За тој период се најавува и објава на тендер за втората делница Бељаковце-Крива Паланка, додека за третата од Крива Паланка до границата со Бугарија, сè уште се преговара за обезбедување финансии. Поврзувањето треба да биде со изградба на тунел во должина од 2.400 метри на граничниот премин Деве Баир.