Во првата, корисна дебата на претседателските кандидати на ТВ Телма се расчистија неколку работи.
На пример, дознавме повеќе детали за тоа како кандидатката Гордана Силјановска Давкова не мисли да превземе ништо по повод прашањето на Преспанскиот договор. Оние бесмислици за допис до службата на протокол на ООН со кој ќе се соопшти дека Договорот се поништува; и малку поелаборираните бесмислици за Хашкиот трибунал пред кој ќе сме докажувале – после сите пост фестуми – дека не-знам-што-бла-бла-демос-бла-бла-хабеас-корпус-бла-бла, се само правнички пози на салонската професорска приказна за потребата од „јуридизација на политиката“, во кои политичкиот и демократскиот идеализам се поистоветуваат со правото…
Тоа ви е „антиквизација на политиката“ на Ѓорге Иванов, на легалистички националистички стероиди. Рецепт за (повторна) претседателска меѓународна катастрофа за Македонија.
Која нема да се случи. Бидејќи Силјановска Давкова не е глупава, туку само има потреба нешто да им „продаде“ на оние кои би сакале да гласаат за неа, а не знаат зошто. Ова е таман спакувано така за да изгледа како да е тоа „нешто“, а всушност е, практично, ништо.
Дали во тоа има гласачки потенцијал за професорката? Има. Ќе му одржиме правно-морална лекција на „дволичниот свет“ дека сме во право, па макар и на наша штета. Политичкиот мазохизам овдека отсекогаш бил на извесна цена.
Потоа, настапот на Блерим Река покажа дека тој одлично се носи со наративот на „резервна гума“ во претседателската кандидатска трка, но со капацитет да се вмеша во дебатата со субстанцијален придонес. Како, на пример, кога љубезно ѝ објасни на против-кандидатката дека Обединетите Нации се, сепак, асоцијација на држави, а не на народи, што е едно крупно неразбирање на меѓународниот поредок. Или кога на Пендаровски му ја „засоли“ приказната за односите со ДУИ и нивниот клиентелистички статус во СЈО, што не е препорака за успешни правосудни реформи. Да не е Река кој со своето учество дава едно достоинство во расправата, имам впечаток дека Пендаровски и Силјановска Давкова многу брзо би влегле во погруба и директна конфронтација.
Пендаровски, пак, толку внимава да не направи грешка со некој изречен став, што настапот му делува вкочането, дури и без вообичаениот шарм со рафалниот стил на зборување, како да гази по јајца, со две конобарски тафти во рацете преполни со филџани со кафе, до врвот. Бидејќи Пендаровски нема проблем со квалификациите и искуството за функцијата за која е кандидиран, му остануваат уште два предизвици – имено, двата послужавници со кафе, кои му се клатат на по една рака – со кои мора да се носи до крајот на кампањата: првиот, како да го „исхендла“ својот однос кон СДСМ и Заев на начин да ја максимизира нивната поддршка кај гласачите, а да ја минимизира штетата од несовршеноста на нивното внатрешно-политичко секојдневно владеење; и, вториот, како да го „исхендла“ контроверзниот карактер на Силјановска Давкова, која може да си дозволи секаква фриволност во своите хала-хула политички ставови, само додека се спакувани во националистички правни реторика.
Всушност, на сите свои телевизиски настапи до сега, вклучувајќи ја и оваа дебата, забележувам дека Силјановска Давкова успева, без голем отпор на соговорниците, да го киднапира најголемиот дел од времето со расправа за правните аспекти на демократијата и на претседателската функција, бидејќи во сè друго слабо се разбира. Да, де, како да се кандидира за декан на правен факултет, а не за претседател на држава.
Но, како ќе се одвиваат наредните дебати, ќе покажат истражувањата на јавното мислење за реакциите на публиката по првата дебата, што уште вечерта се направени.
Мислам дека оваа дебата заврши со реми, со блага предност за кандидатот Река.
Извор: Цивил медиа