Протест „1 од 5 милиони“ во Белград: Во Србија е опасно да се мисли поинаку и слободно

165
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER

Во Белград синоќа се одржаа 28-от по ред граѓански протести „1 од 5 милиони“ против власта на српскиот претседател Александар Вучиќ, од кој беше порачано дека „во Србија е опасно да се мисли поинаку и слободно, а единствениот начин граѓаните да се борат против тоа е солидарноста“.

Протестот на повеќе илјади граѓани започна пред Теразиската чешма, по што продолжи со протесна прошетка низ централните белградски улици и заврши пред Ректоратот на Универзитетот во Белград.

Студентот Дејан Багариќ, кој беше претепан минатиот викенд во студентскиот кампус во Нови Сад, пред граѓаните кај Теразиската чешма порача дека би имало помалку насилство, ако имаше повеќе солидарност.

– Солидарноста е она што најмногу недостасува во Србија. Во тој случај би имало помалку насилство. Физичкото насилство е само врв на сантата мраз, насилството се случува систематски со години, над медиумите, институциите, против здравиот разум и над нашите интелигенција – рече Багариќ.

Професорот на новосадскиот Универзитет, Урош Недељковиќ изјави дека дошол јавно да го осуди тепањето на студентите во кампусот во Нови Сад и соопошти дека е иницирана петиција со која се бара да се најдат и да се приведат сторителите на нападот, што е потпишана од 517 луѓе.

Актерот и член на Демократската партија (ДС), Бранислав Лечиќ порача дека никој не може да ги прекине протестите кои беа започнати врз основа на борбата за слобода, правото на различно мислење и подобро регулираниот систем.

Лечиќ пред граѓаните изјави дека протестите ќе бидат запрени само откако ќе бидат исполнети нивните барања за ослободување на медиумите и за фер и слободни избори.

Дваесет и осмиот протест „1 од 5 милиони“ заврши пред зградата на Ректоратот, каде незадоволните граѓани на покана на организаторите на протестот, тропаа на вратата на институцијата, со цел симболично да ги разбудат властите во Ректоратот, односно Етичката комисија што побрзо да донесе одлука за случајот со докторатот на министерот за финансии Синиша Мали.

Со оваа акција граѓаните сакаа да покажат дека сегашната Влада тропа на вратите на пропаднатите универзитети и факултети во Србија, каде што, според организаторите, е дозволено купување на дипломи.

ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...