„Стоп за рудниците“, „Здравјето пред профитот“, и „Одземете ја концесијата веднаш!“, беа дел од пораките кои група граѓани ги испратија од денешниот протест пред Владата против отворањето на рудникот Иловица.
Тие побараа од Владата итно да ја заврши постапката за одземање на концесијата за Иловица-Штука.
Стојан Велков изјави дека бараат што е можно побрзо, односно веднаш, пред формирање на техничка влада, да се одземе концесијата и најави дека ќе продолжуваат со одржувањето на протестите.
Тој нагласи дека концесионерот поднел тужба на одлуката водена во управна постапка, па сега предметот е пред Управниот суд.
Костадин Ристоманов рече дека тие ќе се смират тогаш кога одлуката на Владата за одземање на концесијата за рудникот ќе биде објавена во Службен весник.
– Оправдувањето или објаснувањето дека се чека одлуката на Управниот суд во однос на поднесената жалба на концесионерот не држи, затоа што Владата е надлежна за давање и одземање на концесијата – изјави Ристоманов.