Протест на црвениот тепих во Кан

278

Осумдесет и две жени на црвениот тепих на скалите на фестивалската палата во Кан протестираа во име на подобар третман на жените во филмскиот бизнис.

Бројката 82 симболично го одразува вкупниот број жени режисери што се нашле во натпреварувачкиот дел на фестивалот во текот на 71 година од неговото постоење.
За споредба, 1.645 филмови што се натпреварувале на Канскиот филмски фестивал биле во режија на мажи. Џејн Кемпион од Нов Зеланд е единствената жена што има освоено Златна палма.

На протестот, меѓу другите, присуствуваа претседателката на годинашното жири Кејт Бланшет, како и Пети Џенкинс, Клаудија Кардинале, Марион Котијар, Селма Хаеј, Агнес Варда.

– Жените не се малцинство во светот, но актуелната состојба во индустријата го покажува спротивното. Како жени, сите ние сме соочени со свои уникатни предизвици, но денес заедно стоиме на овие скали како симбол на нашата посветеност и обврзаност за прогрес. Ние сме сценаристки, продуцентки, режисерки, актерки, кинематограферки, дистрибутерки и сите сме вклучени во кинематографската уметност – изјави Кејт Бланшет.

По говорот на Бланшет, легендарната француска режисерка Агнес Варда, додаде: „Скалите на нашата индустрија мора да бидат достапни за сите. Да се искачиме“.
Протестот на скалите на фестивалската палата бил во организација на ново движење наречено „5020 на 2020“, коешто повикува на поголема родова еднаквост и разноликост во француската филмска индустрија.

Годинава фестивалот се одржува во екот на скандалот со моќниот холивудски продуцент Харви Вајнстин, кого бројни жени го обвинија за сексуални напади и вознемирување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...