Учесниците на протестот во центарот на Приштина извикуваа пароли против Љумези и актуелните косовски власти, а забележително беше и веењето бројни албански национални знамиња, додека не се виде ниту едно државно знаме на Република Косово.
Претставници на ВВ во своите обраќања пред насобраните го обвинија Љумези дека „им се плаши на лидерите на косовските институции“, и тоа во време кога „Косово никогаш немало повеќе корумпирани министри одошто сега“.
Пратеничката Албулена Хаџиу рече дека протестите ќе продолжат „се додека не се смени Љумези и сите обвинители кои се политички именувани“.
Шефот на пратеничката група на ВВ, Глаук Коњуфца рече дека протестот е „одраз на гневот поради неправдите кои се случуваат“.
Група студенти, членови на партијата на Албин Курти, на крајот на протестот формално покренаа кривични пријави против претседателот на Собранието Кадри Весели, министерот за инфраструктура Паљ Лекај и главниот обвинител Љумези, поради, како што изјавија, нивните бројни незаконски дејствија.
Протестот пред Главното обвинителство на Косово заврши мирно и без инциденти.