Приврзаници на црногорскиот опозициски Демократски фронт синоќа се собраа на протест пред Собранието на Црна Гора во Подгорица, со барање за ослободување на прaтеникот на оваа партија Небојша Медојевиќ.
Лидерот на ДФ, Андрија Мандиќ изјави дека бараат „ослободување на невино затворениот и киднапиран“ Медојевиќ, како и повлекување на одлуката за приведување на вториот пратеник на партијата Милан Кнежевиќ, кој не ја напушта собраниската зграда со цел да избегне апсење.
Мандиќ најави дека ДФ ќе организира секојдневни протести од 18 до 20 часот, додавајќи дека за учесниците на собирите ќе бидат набавени и жолти елеци, по примерот на демонстрантите во Франција.
– Го повикувам народот на собири со цел најголемиот дел од Црна Гора да го доведеме до сознание за срамниот чин на црногорските квазииниституции – изјави Мандиќ, најавувајќи почетокот на „беспоштедна борба која мора да доведе до ослободување на Црна Гора“.
Тој нагалси дека „осободувањето на Црна Гора“, мора да почне со ослободување на Медојевиќ и Кнежевиќ.
– Досега се обидувавме да најдеме заеднички јазик со онаа другата Црна Гора, која не е слободна и е во канџите на мафијата, и секако немавме успех во тоа. Затоа ги повикуваме граѓаните, со цел со силата на нашата идеја, бројноста и силата на секој слободен граѓанин, да го победиме ова чудо што не снајде. Се радувам што не има повеќе од вчера и помалку отколку што ќе бидеме утре – порача Мандиќ.
Тој побара поддршка од сите опозициски партии и невладини организации и најави обид за „обединување на сите кои сакаат да ја променат сегашната состојба“ во Црна Гора.
– Ќе работиме координирано и ќе набавиме жолти елеци. Ќе се обидеме овој мал град да го направиме голем како Париз – порача Мандиќ.
Апелацискиот суд на Црна Гора вчера ги одби жалбите на Медојевиќ и Кнежевиќ и ја потвртди одлуката на Вишиот суд со која им се одредува мерка притвор во траење од два месеци.
Кнежевиќ по ваквата судска одлука изјави дека нема доброволно да замине од Собранието во затвор, додавајќи дека таму можат да го однесат единствено со сила.
Медојевиќ беше уапсен во петокот во раните утрински часови по завршување на седницата на црногорскиот Парламент.
На двајцата опозициски пратеници им е одреден притвор затоа што одбиваат да сведочат во процесот против судија кој наводно му се понудил на Медојевиќ за сума од 10.000 евра да му ја укине пресуда за напад врз полицаец во 2015 година, со која е осуден на седум месеци затвор.
Инаку, Медојевиќ треба да отслужи и казна затвор од два месеци затоа што одби да сведочи во процесот што се води против него за клевета, поради неговите тврдења дека главниот специјален обвинител Миливоје Катниќ учествувал во воени злосторства на територијата на хрватскиот град Цавтат во 1991 и 1992 година.