Демонстранти побараа од кипарската Влада и властите во Северен Кипар да бидат одлучни и да се спречи изградбата на нуклеарна централа од страна на Русија на турското средоземноморско крајбрежје.
Околу 250 кипарски Грци и Турци протестираа вчера фатени рака за рака на 75-метарски дел од тампон-зоната контролирана од ОН, која го разделува главниот град Никозија.
Демонстрантите се собраа да протестираат поради изградба на нуклеарна централа во Турција, која според нив може да претставува голема закана за Кипар и регионот, бидејќи се гради во трусно подрачје.
Претставник на кипарските Грци истакна дека кипарската Влада треба да побара од ЕУ да се заземе околу тоа прашање, осврнувајќи се директно кон Турција, која има за цел да се присоедини кон Унијата.
Претставник на кипарските Турци нагласи дека повеќето кипарски Турци знаат кои се ризиците и се против изградбата на нуклеарната централа, но нивните лидери треба да престанат да молчат и веднаш да се заземат за тоа прашање.