На улиците на Будимпешта се одржаа големи демонстрации против т.н. „Закон за робови“, како што го нарекуваат учесниците во протестите. Демонстрантите собирајќи се и минувајќи преку неколку мостови на Дунав, целосно го парализираа сообраќајот во градот. Тие постојано извикуваа пароли против владата и премиерот Урбан, барајќи демократија.
Повеќе илјади граѓани се собраа пред зградата на парламентот извикувајќи пароли против законот, како и против владата на Виктор Урбан. Врз демонстрантите, кои се обидоа да стигнат до скалите кои водат во парламентот, полицијата употреби солзавец. Некои од демонстрантите се обидоа да ја оштетат божиќната елка на плоштадот, а уништија и повеќе клупи во паркот. Демонстрантите се разотидоа по полноќ, а, според унгарските медиуми, во демонстрациите се повредени пет полицајци. Нема податоци за тоа дали има повредени и меѓу учесниците во протестите.
Во средата, при донесувањето на Законот, пратениците од опозицијата се обидоа да го спречат гласањето: внатре во зградата на парламентот се создаде хаос, опозицијата употребуваше свирчиња и силни извици, но сепак не успеа – мнозинството на Орбан немаше слух за барањата на опозицијата. Помина и законот за создавање нов систем на административни судови под надзор на министерот за правда, за кои опозицијата и критичарите сметаат дека нема да бидат независни.
Најдобра илустрација за тоа каква беше атмосферата во парламентарната сала пред гласањето за овие закони е фактот што на претседателот на парламентот му беше оневозможено да го заземе претседавачкото место на подиумот, туку беше приморан сесијата да ја отвори од партерот.
Законот, изгласан доцна во средата, меѓу другото, овозможува вработените да имаат 400 часа прекувремена работа годишно, наместо сегашните 250 часа. На компаниите им се дава можност плаќањето за прекувремената работа да го одложат до три години. За некој кој работи по осум часа, новата количина од 400 часа е еквивалентна на еден дополнителен час секој ден, или дополнителни 50 работни денови годишно.
Меѓутоа, владата на Орбан дека од реформите работниците ќе имаат корист, како и компаниите кои треба да го надоместат недостигот од работна сила. „Мораме да ги отстраниме бирократските правила така што оние кои сакаат да работат и да заработат повеќе, да можат тоа да го сторат“, рече Орбан еден ден пред усвојувањето на Законот.
ФОТО: EPA / Balazs Mohai