Проработеа првите мигрантски центри во Баварија (ВИДЕО)

Со овие центри, според Зехофер, ќе се забрза процесот на депортирање на мигрантите чии барања за азил ќе бидат одбиени.

99

Во германската сојузна покраина Баварија денеска се отвараат првите центри за прием на мигранти, со капацитет од 1.000 до 1.500 лица, во кои ќе се обработуваат барањата за азил, јави новинската агенција ДПА.

Се работи за пренаменување на центри кои и досега служеа за прием на мигранти, но со нова задача.

Центрите се отвораат на инсистирање на германскиот министер за внатрешни работи и поранешен премиер на Баварија, Хорст Зехофер, кој смета дека е неприфатливо мигранти кои веќе поднеле барања за азил во друга безбедна членка на Европската унија, да доаѓаат и одново да бараат азил во Германија.

Со овие центри, според Зехофер, ќе се забрза процесот на депортирање на мигрантите чии барања за азил ќе бидат одбиени.

Реализацијата на планот, кој предизвика политичка криза во Владата на германската канцеларка Ангела Меркел, доаѓа неколку месеци пред регионалните избори во Баварија, на кои долгогодишната владејачка конзервативна Христијанско социјална унија (ЦСУ) на Зехофер, се соочува со притисок од страна на националистичката партија Алтернатива за Германија (АФД).

Критики за овој план дојдоа пред се од Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е во коалиција на сојузно ниво со ЦСУ и со Христијанско демократсјката унија (ЦДУ) на Меркел, како и од организациите за заштита на правата на мигрантите, верски и други здруженија, кои овие центри ги нарекуваат логори.

ФОТО: Твитер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...