Пронајдени двете црни кутии од авионот кој се урна во Етиопија

451
ФОТО: EPA / STR

Пронајдени се двете црни кутии од авионот на „Етиопијан ерлајнс“, кој се урна вчера близу Адис Абеба, соопшти државната телевизија.

Црните кутиии, пронајдени на местото на несреќата, се гласовниот снимач од пилотската кабина и дигиталниот снимач на податоци, јави Би-Би-Си. Сепак, истражителите наведуваат дека едната црна кутија е значително оштетена и оти не се сигурни како податоците ќе можат да „извлечат“ од неа. Во црната кутија се бележат гласови и комуникацијата на пилотите од кокпитот на авионот.

Истражните органи наведуваат дека сè уште е рано за да се знаат причините за несреќата во која загинаа 157 лица.

Авиокомпанијата „Етиопиан ерлајнс“ ја приземји флотата од Боинг 737 Макс авиони по вчерашната несреќа и соопшти дека ваквиот чекор е преземен како „дополнителна безбедносна мерка за претпазливост“.

Тоа е втор авион на Боинг кој се урива во последната половина година, откако во октомври, минатата година се урна авион на Лајон Ер над Јаванското Море, при што загинаа 189 лица. Во обата случаи станува збор за авиони Боинг 737 Макс-8.

Боинг 737 Макс-8 најпрво првпат полетал на 29 јануари 2016 година од Рентон, Вашингтон, каде што бил направен авионот. Моделот 737 Макс-8 е надградена верзија на моделот кој со децении доминира на небото. Оригиналниот 737 влече корени од 60-тите години на минатиот век, и со текот на годините се направени подобрувања на функциите и дизајнот, така што во различни модели, менувани се распоредот на седиштата, моќноста на моторот и слично. Боинг 737 Макс-8 во комерцијални летови почна да се користи во 2017 година, пишува Би-Би-Си. Една од важните подобрувања е моторот LEAP-1B, кој требаше да оствари 20-отстотно подобрување во искористивоста на горивото во однос на претходните модели. Но подобрениот мотор, не беше единствената промена кај новиот модел на 737. Во новиот авион изведен е и поинаков систем на сензори.

Првично, пилотите не беа известени за промените во функционирањето на сензорите и придружниот софтвер на новиот 737 Макс 8, но по падот на авионот на компанијата Лајон Ер”, беше издаден прирачник за пилотите за да се запознаат со сите воведени промени со најновиот модел. Федералната администрација за цивилно воздухопловство предупреди дека ако пилотите не се запознаени со работата на нови сензори, тие би можеле да „имаат проблеми при управувањето со авионот, што би можело да доведе до спуштање на предниот дел на авионот, значително губење на надморската височина и можен судир”. Во моментов нема докази кои укажуваат на тоа дека авионот на Етиопија ерлајнс ги имал истите проблеми како и Боингот 737 Макс-8 на Лајон Ер.

– Важно е да се напомене дека во двата случаи станува збор за нов авион и за ист модел. Исто така, несреќата се случила во истата фаза на летот, веднаш по полетувањето. Но, потребна е детална проверка за да се одреди точната причина за последната несреќа  – изјави за Би-Би-Си Џон Стрикленд, аналитичар од ЈЛС Консалтинг.

ФОТО: EPA / STR

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...