Една наизглед мирна брачна двојка од гратчето Клиф во Ново Мексико, во својата спална соба повеќе од 30 години криела голема тајна, вредна 160 милиони долари.
Џери и Рита Алтер соседите ги опишуваат како мирна брачна двојка, која живеела повлечено и немале многу гости во својата куќа. Откако е откриено дека во спалната соба на ѕидот имаат слика од Вилем де Кунинг, вредна 160 милиони долари, на сите им било јасно зошто биле всушност толку повлечени.
Сликата, која исчезнала од Уметничкиот музеј во Аризона е пронајдена кај оваа брачна двојка. Таа била закачена зад вратата во спалната соба и можела да се види само откако ќе се затвори вратата.
По откривањето, започната е истрага и повторно биле прочитани сведочењата на чуварот и кустосот на музејот за главните осомничени. Чуварот тогаш ја споменал двојката, која во тоа време била на средовечна возраст.
Инцидентот се случил на Денот на благодарноста во 1985 година, веднаш откако кустосите влегле во музејот. Мажот тргнал кон вториот кат, а жената застанала да поразговара со чуварот. Потоа мажот се симнал и заедно веднаш заминале. Чуварот, кој почувствувал дека нешто не е во ред, влегол во музејот и ја пронашол само рамката од сликата „Окер жена“.
Во тоа време немало безбедносни камери. Полицијата не пронашла ниту отисоци од прсти. Единствениот сведок тврдел дека видел спортски автомобил со црвена боја кој заминал со голема брзина, но не ги запишал регистарските таблици.
Џери Алтер починал во 2012 година, а неговата сопруга пет години подоцна. ФБИ сега ја истражува кражбата на сликата на Де Кунинг, еден од најважните сликари на апстрактен експресионизам, кој починал во 1997 година.