Утре во Домот на литература во Варшава и на 24 мај во рамките на Меѓународниот саем на книгата ќе се одржи промоција на романот „Но-Уи“ од Лидија Димковска, преведен на полски од Данута Ќирлиќ Страшинска, а објавен од издавачката куќа „Библиотека Слав“ од Варшава, Полска.
За книгата ќе зборуваат Лила Мороз Грзелак од Институтот за славистика при Академијата на науките на Полска која објави и интервју со авторката во книжевното списание „Книги“ и Пјотр Добролецки, главен уредник на книжевното списание „Книги“.
На промоција на книгата ќе зборува и преведувачката на романот, Данута Ќирлиќ Страшинска, која на полски го има преведено и романот „Скриена камера“ од Димковска, како и нејзината поетска збирка „pH неутрална за животот и смртта“ со која во 2016 година Димковска беше номинирана за полската награда „Европски поет на слободата“.
За романот „Но-Уи“ во полската книжевна јавност излегоа повеќе од десетина критики кои истакнуваат дека тоа е „мал, но голем, величествен роман“, „роман какви што се пишуваат сѐ поретко, роман кој е мајсторски напишан“, „извонреден, прекрасен роман“, „роман кој го приморува читателот да размислува не само за судбината на ликовите, туку и за сопствената судбина“.