Новата книга на писателот Венко Андоновски „ Припитомувањето на кучката“ ќе биде промовирана утре во Клуб-рестотанот МКЦ во 19 часот.
По извонредниот успех на неговите романи „Папокот на светот“ (15 изданија) и „Вештица“ (9 изданија), како и по успехот на неговите драми, особено „Олово на перница“, „Генетика на кучињата“, „За секого има по една“ и „Господарот на кукавицата“, Венко Андоновски се јавува по подолго време со жанрот по кој стана познат во нашата книжевност – краткиот расказ.
Во циклусите раскази „Фрески“ и „Иконки“ Андоновски ни ги покажува познатите, благородни форми на лудилото: лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста. Тоа се форми на класичното лудило на недостигот, кои покажуваат дека недостигот, кој обично се замислува како „празнотија во душата“, всушност е најбогатото чувство на човекот: недостигот е максимална исполнетост на битието со копнеж. Хамлет копнееше по вистината и одмаздата, Дон Кихот по еден нов херојски свет. Но во циклусот „Карикатури и гротески“, ликовите полудуваат во мигот кога го губат недостигот, што значи го губат и копнежот, кој го заменуваат со потреба од копнеж. Тоа е лудило на празното полно, наместо класичното лудило, она на полното (со копнеж) празно.
„Припотомување на кучката“ е уште едно врвно дело кое го потврдува прозното мајсторство на Венко Андоновски, еден од најдобрите македонски раскажувачи.