Во Кино Култура во четврток во 19 часот ќе се одржи промоција на најновиот роман „Маџун“ на еден од најзначајните македонски писатели, академик Влада Урошевиќ. Вовед во делото, и разговор со авторот ќе води Владимир Јанковски, а авторот ќе чита делови од романот.
– Романот „Маџун“ на Влада Урошевиќ е структуриран од три дела и тоа: Рајот на детството, Сјајот на детството и Крајот на детството. Веќе самите наслови на одделните поглавја ја откриваат доминантната тема на детството која како Aријаднина нишка се провлекува низ многуте лавиринтски патеки на оваа повеќеслојна и комплексна проза. Зашто, романот „Маџун“ не е само роман за детството, туку е и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман-сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман-загатка…
Композициски, „Маџун“ промовира една исклучителна култура на сеќавањето која ги проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата… Авторот користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната.
На микрокосмосот на детството како тематска доминанта, нормално, ѝ одговара детската визура на светот која внесува очудување на рационално уредената реалност. Во оваа пригода, треба да се нагласат уште неколку карактеристики на оваа проза како што се: мајсторскиот опис, леснотијата на раскажување приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија; сите тие го збогатуваат совршениот раскажувачки стил и придонесуваат за високиот степен на култура на јазикот и изразот, повеќекратно потврдени преку писателската практика на Урошевиќ – вели професорката Лидија Капушевска-Дракулевска.