Промоција на книгата „ТВ БОКС“ на режисерот Златко Славенски

212

Факултетот за драмски уметности вечер од 19 часот ќе ја промовира книгата „ТВ БОКС Теоретски прилози и филмско сценарио“ на режисерот Златко Славенски (1966-2019), кој беше и драматург и професор на ФДУ по предметот Театарска режија.

„Книгата го опфаќа истражувањето на авторот кое требаше да биде негов докторски труд на тема: „Адаптација на драмски текст во филмско сценарио“, кој тој не успеа да го одбрани поради неговото прерано заминување. Книгата е сочинета од два дела: теоретски прилози и филмско сценарио „ТВ БОКС“, кое е адаптација на авторот од истоимениот оригинален драмски текст напишан од него и петмина актери кои беа вклучени во целото истражување“, соопшти ФДУ.

Филмското сценарио „ТВ БОКС“ е резултат на долгогодишното истражување на авторот кое почнува со пишување драмски текст „ТВ БОКС“ и негово вообличување во театарска претстава, потоа негово адаптирање во ТВ-сценарио и снимање на истоимениот ТВ-серијал од пет епизоди и адаптирање на драмскиот текст во филмско сценарио „ТВ БОКС“ кое сега излегува од печат.

„Ваквиот развој и завршница на овој концепт е значаен за пошироката јавност и поради уметничко-истражувачката вредност, но и поради својата отвореност, а книгата останува како трага и сведоштво за извонредно богатиот и сложен експериментирачки дух на нејзиниот автор“, соопшти ФДУ за книгата на Славенски која вечер ќе ја промовираат професорите Сашко Насев, Александар Прокопиев и Небојша Вилиќ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...