Промоција на антологија песни посветени на Даница Ручигај

160

Во Младинскиот културен центар – Скопје вечерва ќе биде одржана книжевна вечер посветена на првата македонска поетеса Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.

Манифестацијата ќе почне со свеченото отворање на изложбата на факсимили на рачно напишани песни посветени на првата дама на македонската поезија „Недореченост, о проклета да си“. Автори се Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, новинари на Македонското радио и публицисти и м-р Надица Караколева.

Изложбата, која содржи 123 факсимили на рачно напишани песни и десетина фотографии и која ќе трае до 15 септември, ќе ја отворат словенечкиот амбасадорот во Македонија проф. д-р Милан Јазбец и градоначалникот на општина Гази Баба Борис Георгиевски, кои се покровители на изложбата. Пригодна беседа ќе одржи Ели Маказлиева.

Во 20 часот, пак, ќе почне промоцијата на антологијата на песни посветени на Даница Ручигај „Недореченост, о проклета да си“, што по повод 55-годишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, ја приредија Свето Стаменов и Искра Чоловиќ, а која беше објавена со финансиска поддршка на Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија.

Антологијата, која е плод на повеќегодишна континуирана истражувачка и собирачка работа, содржи 67 песни на педесетина поети, кои секој на свој посебен начин и искажуваат љубов и почит за сето она што таа и го дари на поезијата.

Вториот дел на антологијата, кој е насловен „Меридијани“, пак, содржи четириесетина препеви на нејзини песни на шеснаесет јазици, почнувајќи од најстарите кои датираат од крајот на педесеттите години на минатиот век, па до најновите, од кои најголемиот дел се направени исклучиво за оваа антологија и првпат се објавуваат во неа. Така, покрај препевите на нејзините песни на српски, хрватски, англиски и турски јазик што беа објавени во антологии и списанија, во оваа антологија првпат можат да се прочитаат нејзини песни, но и да се видат факсимили на рачно напишани препеви, и на словенечки, руски, италијански, германски, шпански, бугарски, албански, унгарски, романски, словачки, ромски и на влашки јазик.

Промоцијата на „Недореченост, о проклета да си“ ќе биде збогатена и со поетско читање на песни посветени на Даница Ручигај, на кое ќе настапат десетина поети кои се застапени во антологијата.

Промотори на „Недореченост, о проклета да си“ се словенечкиот амбасадор проф. д-р Милан Јазбец и проф. д-р Васил Тоциновски. Модератор на промоцијата ќе биде Анета Трпевска, спикерка на Македонското радио – Радио Скопје, а стиховите ќе ги интерпретира Искра Чоловиќ.

По антологијата на песни посветени на скопскиот земјотрес „Ден судбоносен – 26 јули 1963“, која беше промовирана на 26 јули, „Недореченост, о проклета да си“ е втора антологија што Свето Стаменов и Искра Чоловиќ ја приредија по повод 55-годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...