Промовирање на концептот за Овластен економски оператор (ОЕО) и неговото значење за економските оператори, денеска се разговарало на работилница која се оддржа во Охрид.
Пред економските оператори од охридскиот регион презентирани беа предностите од здобивањето со статусот ОЕО. Присутните имаа можност да слушнат дека ОЕО е еден од инструментите за олеснување на трговијата, како и тоа дека со последните измени на Царинскиот закон, што се однесуваат меѓу другото и на критериумите за издавање на одобрение за Овластен економски оператор, целосно се усогласени националните прописи со соодветните одредби на законот на Европската унија.
На работилницата говореше директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, кој посочи дека целта на работилницата е економските оператори да се запознаат со факторите што треба да се земат предвид при користењето на концептот на Овластен економски оператор, како и да ги слушнат сите придобивки и поволности на одобрениот статус.
Во насока на промовирање на олеснувањето на трговијата во услови на глобализација на трговијата и економска поврзаност помеѓу земјите, Царинската управа со поддршка на Проектот на УСАИД за регионален економски раст ќе продолжи со организација на настани насочени кон запознавање на деловната заедница со концептот на ОЕО.