Прва енциклопедија за деца за основоположниците на современата македонска уметност беше промовирана на денешното одбележување на 15 Април – Светскиот ден на уметноста. Изданието е проект на Центарот за визуелна комуникација „Ефектива“, а автор на енциклопедијата е Елизабета Баковска. Проектот е поддржан од Националната галерија на Република Северна Македонија и општина Центар, информираат од „Ефектива“.
– Првпат во Македонија е создадена енциклопедија за основоположниците на македонската современа уметност чија целна публика се пред сè децата. Ова е дело кое ја допира суштината. Суштината е дека публиката треба да ја создадеме, а таа се создава од мали нозе, вели Софија Семенпеева од „Ефектива“.
Од Центарот велат дека главната вредност на ова дело е што е создадено на специфичен јазик со цел да успее на едноставен начин да допре до најмладата публика и да ја поттикне љубопитноста на децата за една особено значајна тема.
Во рамките на одбележувањето беше одржана и трибина на тема „Значењето на уметноста во развојот на децата и општеството“, на која се отворија суштински и општествено важни прашања за значењето на уметноста во растот и развојот на едно општество.
Беа доделени и награди на 12 ученици од основните училишта што по повод одбележувањето на 15 Април твореа на тема „Општеството кое јас го создавам“.
Центарот „Ефектива“ ќе донира по 15 енциклопедии за деца во сите основни училишта на територијата на општина Центар, се наведува во соопштението од „Ефектива“.