Во свечениот амфитеатар на МИТ Универзитет Скопје, вчера беше промовирана книгата „Македонија и Балканот: либерален поглед на национализмот и идентитетите“ од Благој Цонев, доцент по политички науки и меѓународни односи. Промотори на книгата беа проф. д-р Тони Дескоски и проф. д-р Нано Ружин, а книгата е во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.
– Книгата на д-р Цонев се појавува во еден многу значаен општествен момент за Р. Македонија, кога навидум се прекршува две и полдеценискиот спор за името на нашата земја со соседна Грција, спор што сериозно го обременува нашето битисување и станува сериозна пречка за напредокот на нашата земја – изјави професорот Тони Дескоски на промоцијата.
– Секој што ќе ја прочита книгата ќе испрати грст комплименти за умешноста, научниот пристап и квалитетно изработениот труд под менторство на најдобриот познавач на меѓународните односи кај нас, професорот Денко Малески – истакна професорот Нано Ружин.
Тој во своето излагање се осврна и на феноменот на иконографиите во контекст на национализмот и националниот идентитет, додавајќи дека создавањето на нови иконографии со националистичка конотација треба да престане.
– Се надевам дека модерната либерална идеја ќе продолжи понатаму да надвладува, особено за младите генерации. Ако генерацијата на проф. Малески се трудеше на светот да му објасни дека ние не сме племе, генерациите на проф. Дескоски и проф. Ружин сè уште се обидуваат на светот да му покажат дека ние сме овде и постоиме и дека треба некој да нè слушне, мојата генерација се обидува да покаже дека не сме сите конзервативни и затворени, дека меѓу нас има и луѓе со либерални погледи и со отворени визии. Се надевам дека идните генерации ќе го спроведат либерализмот за кој се залагам. Македонија нема да ги живее последните денови како Република Македонија, туку како феникс ќе воскресне и ќе биде една модерна и либерална нација и држава во која е пријатно да се живее – рече авторот Благој Цонев во своето обраќање.
Книгата „Македонија и Балканот“ претставува плод на шестгодишно истражување за влијанието на национализмот, идентитетите и културата во односите помеѓу балканските држави. Книгата има цел на читателот да му овозможи нов поглед врз перцепцијата на македонскиот идентитет, отворајќи нови видувања за тоа како идентитетот на нацијата не е (нужно) поврзан со државата и со државноста, односно како тој не смее да ја измести државата како основен субјект на меѓународното право. Книгата е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.