„Лет со умот кон папокот на универзумот“ е насловот на книгата со три пиеси во стихови на новинарот, поет и драмски автор Љубомир Грбевски, поднасловена „бајки несолени за мали и за големи“. Покрај бајката-пиеса од насловот, книгата што ја објави Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, ги содржи и „Здодевна бајка“ и „Шумско востание“.
Инспирација на авторот му се класични и бајковни ликови од богатата лектира, но во спој со современите чувствувања и одгласи, според времето и вкусот на денешните деца во чиј речник се зборови од модерната електронска технологија и жаргони на новото време. Бидејќи класичните приказни се малку анахрони за денешните деца, во наративот на Грбевски има принцези и џинови кои имаат мобилни телефони, возат скироли…
– Да се пишуваат нови бајки, практично е да се пародираат старите модели од Шарл Перо, браќата Грим, Андерсен итн. Со пародирањето ги деконструирам на некој начин. За да го заинтересираш современиот детски читател, мора да бидеш во овој свет и да се направи микс што ќе ги привлече најмладите – рече авторот Грбевски денеска на промоцијата што ДКУС ја организираше во рамки на „Скопско лето“.
Книгата ја претстави писателот Стево Симски, кој го истакна токму тој нејзин квалитет – пронаоѓањето нови зборови и жаргони. – Во оваа книга со над 3340 стихови во рима има богата лексика. Играта на авторот од архаичното во литературниот јазик до жаргонското ѝ дава особен белег на книгата, рече Симски.
На неговото прашање каде ја црпи инспирацијата за јазикот, авторот Грбевски одговори – од најмладите, некогаш тоа бил неговиот сега возрасен син, а сега внукот и неговите врсници кои го употребуваат, како што рече, тој специфичен новојазик.
-Јас малку наслушнував и се обидував од сето тоа да направам литература, додаде Грбевски, кој пред две години претстави и шест пиеси за тинејџери насловена „Бајки-тралалајки“, исто така во издание на ДКУС.
На промоцијата беа прочитани извадоци од неговата новата книга, со звуци од гитара во изведба на музичарот Јаков Дренковски.