Нелојалната конкуренција е проблем со кој се соочуваат и производителите на мебел. Решавањето на овој проблем бара и институционална поддршка и изнаоѓање на начини и методи како да се надмине оваа ситуација.
Јорданчо Велков, генерален менаџер на компанијата „Дизајн фантазија“ вели дека проблемот со сивата економија егзистира повеќе од 20 години.
– Премногу мал е процентот на компании во нашата дејност последниве години кои можат да се пофалат со успешна работа. Но, факт е дека само како стопанственции сме немоќни во решавањето на овој проблем. Мислам дека тој проблем е директно поврзан со иституциите на државата и мора да има начини и методи како реално да се надмине овој проблем – истакнува Велков.
И професорката Елена Никољски од Факултетот за дизајн при скопскиот Универзитет смета дека треба да се создадат услови професијата дизајнер на мебел да биде поценета во рамки на македонските компании.
– Професијата дизајнер станува се посакувана и поисплатлива професија, но треба да се создадат можности таа да биде ценета во рамки на македонските компании и компаниите наместо да купуваат готови производи од соседните земји или Европа, да почнат да работат на автохтони производи – вели професорката Никољски.
Со цел да се поттикнат младите дизајнери да ги развиваат своите креативни идеи во рамки на Саемот за мебел распишан е конкурс за изработка на дизајнерски стол од дрво, а утре ќе се одржи и научна дебата на тема „Оригинал и копија“ на кој ќе се разговара колку е навистина важен автентичнот дизајн и колкава е потребата да се биде оригинален.