Производителите бараат акцизата за ракија да се плаќа по приемот на земјава во ЕУ

Со законот се предвидува вовдеување акциза на индивидуалните производители на жестоки пијалоци од триесет денари по литар, на јачина на алкохолот од 45 проценти.

188

Производители на домашна ракија од Тиквешко бараат да се овозможи период на прилагодување пред да се воведе акцизата за домашната ракија. Оваа обврска на производителите се наметнува со Предлог законот за акциза кој е на комисиска расправа во Собранието, а е дел од законите кои се усогласуваат со европската регулатива..

Ова барање производителите на домашна ракија вчера му го пренеле и на пратеникот Панчо Минов кој за ова веќе има поднесено амандман.

–  Моето убедување е дека треба да се остане на предлогот да има период на прилагодување, на подготовка за воведување на новата давачка која се предлага да биде на дозволено две ипол илјади литри по земјоделско стопанство, што и не е мала количина. За малите винарии, кои се регистрирани, е две илјади литри, но чист алкохол. Тоа значи околу четири илјади литри жесток пијалок, или по тиквешки, ракија. Целта е во овој подготвителен период, секој лозар кој сака да биде производител на ваква количина, да се определи дали е спремен да биде регистриран и акцизен обврзник – изјави Минов.

Според него, периодот на прилагодување треба да трае до приемот на земјава во ЕУ.

Со законот се предвидува вовдеување акциза на индивидуалните производители на жестоки пијалоци од триесет денари по литар, на јачина на алкохолот од 45 проценти. При тоа се воведува акцизна маркичка која се става пред продажба на производот. Исто така со законот се предлага акцизата да се регулира преку воведување на регистар на вакви производители во Царинската управа, а со тоа се воведува и обврска да се пријави опремата за производство на ракијата, количина на винско грозје кое се преработува. Кога ќе се произведе ракијата, да се добие од Агенцијата за храна лиценца дека ги исполнува стандардите за производство.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...