Европската народна партија (ЕПП) одлучи да ја продолжи суспензијата за унгарската владејачка партија Фидес.
На своето годишно собрание, кое се одржува вчера и денеска во Брисел, челниците на најголемата групација во Европскиот парламент го поддржаа претседателот на ЕПП Доналд Туск да биде продолжена суспензијата на неограничен период.
– Мислењето на мнозинството во нашето политичко семејство е многу јасно: нема доволно напредок во Будимпешта, нема видливи промени кога станува збор за демократските стандарди, владеењето на правото и слободата на говор – оцени синоќа Туск.
На собранието не се одржа гласање, бидејќи, како што информира Хина, ниту противниците ниту приврзаниците на оваа одлука нема мнозинство.
– Ако не се смени ситуацијата, не гледам како Фидес би можел да се врати во нашето семејство, барем, додека сум јас претседател на ЕПП – потенцираше Туск.
Тој уште појасни дека укинувањето на суспензијата за Фидес не е работа за преговори.
– Нема да преговарам за каков и да е компромис околу нашите вредности. Укинувањето на суспензијата зависи од евентуалните промени во Будимпешта и за промена на политиката на Фидес – потенцираше Туск.
ЕПП во март минатата година ја суспендираше партијата Фидес, предводена од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
ФОТО: EPA / SZILARD KOSZTICSAK