До 15 февруари е продолжен рокот за аплицирање за поврат на средствата за камати за реализирани инвестиции по ИПАРД Програмата со помош на кредити. Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој информираат дека рокот е продолжен поради зголемениот интерес од страна на барателите кои во минатиот период, реализирале проекти од ИПАРД 1 и ИПАРД 2 Програмата со помош на кредит.
Оваа можност може да ја искористат сите правни и физички лица кои по 25 декември 2016 година користеле средства од Повикот за ИПАРД програмата, а за реализација на инвестицијата подигнале кредит.
Фирмите можат да добијат финансиска помош во висина од 50 до 75 отсто од каматната стапка на годишно ниво за период од 10 години.
Помошта е наменета за кредити со годишна каматна стапка во висина до осум проценти, кои се исклучиво пласирани од банки и штедилници со дозвола за работа од Народната банка за период до 10 години и тоа за инвестиции кои се финансирани од инструментoт за претпристапна помош во земјоделството и руралниот развој од Европската унија (ИПАРД).
Заинтересираните треба да поднесат електронско барање по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk, за финансиска поддршка со соодветни податоци и да ги прикачат задолжителните електронски документи – Договор за склучен кредит со банка или штедилница за инвестицијата и Детален амортизационен план.
Од Агенцијата информираат дека барањата кои ги исполниле условите за користење на средства за мерката 2 ќе се рангираат според датумот и времето на поднесување на електронското барање, а барањата кои не се поднесени електронски, нема да се разгледуваат.