Продолжени анти-дампинг мерките на ЕУ за кинеските велосипеди

139

Европската Комисија денеска за пет години ги продолжи рестриктивните мерки за увоз на кинески велосипеди.

Велосипедите кои се увезуваат од Индонезија, Малезија, Шри Ланка, Тунис, Камбодија, Пакистан и Филипини, исто така, се на списокот на анти-дампинг мерките на Европската Комисија, со оглед на тоа дека кинеските производи поминуваат низ овие земји за да стигнат на европскиот пазар, стои во одлуката на Европската Комисија.

Рестриктивните мерки врз кинеските велосипеди во ЕУ се на сила од 1993-та година, и редовно се продолжуваат, додека за земји преку кои тие транзитираат за да бидат извезени во ЕУ, мерките се воведени во последните шест години.

Анти-дампинг мерките предвидуваат царини до 48,5 отсто, прецизира Европската Комисија.

Во јануари оваа година, ЕУ воведи рестрикции и врз електричните велосипеди од Кина, кои се сѐ попопуларни кај европските потрошувачи. Одлуката предизвика загриженост кај кинеските власти кои најавија можен одговор.

Граѓаните во ЕУ купуваат околу осумнаесет милиони велосипеди годишно, 60 отсто од овие се фабрикуваат во Европа, а четири отсто се кинески увоз.

Производството на велосипеди е еден од декларираните индустриски приоритети на владата во Пекинг, отворајќи сомнеж во ЕУ дека земјата ќе продолжи да ги продава за вештачки ниски цени на ЕУ пазарот, што претставува дампинг според дефинициите на ЕК. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...