Продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, во август годинава се повисоки за 1,1 отсто на месечно ниво, а за 4 проценти на годишно ниво.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во споредба со јули 2019 година, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски во секторот „рударство и вадење на камен“ за 1,2 отсто, во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 0,2, а во секторот „преработувачка индустрија се повисоки“ за 1,4 отсто.
Во споредба со минатогодишниот август, продажните цени на производителите на индустриски производи, вкупно, се пониски во секторот „рударство и вадење на камен“ за 4,2 отсто и во секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“ за 1,2, а во секторот „преработувачка индустрија“ се повисоки за 5,1 отсто.
Продажните цени, пак, на производителите на индустриски производи на странските пазари во август годинава се повисоки за 1,6 отсто на месечно ниво, а за 5,6 проценти на годишно ниво.
Во споредба со претходниот месец, продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари се пониски во секторот „рударство и вадење камен“ за 1,7 отсто, а во секторот „преработувачка индустрија“ се повисоки за 1,9 отсто.
Во споредба со август лани, продажните цени на производителите на индустриски производи на странските пазари се пониски во секторот „рударство и вадење на камен“ за 8,2 отсто, а во секторот „преработувачка индустрија“ се повисоки за 7,0 проценти.