Програмата „Share“ донесе 9 европски танцови групи

На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во три последователни вечери на 19, 20 и 21 април, со почеток во 20 часот ќе бидат изведени девет современи танцови претстави.

79

Во рамките на фестивалот Танц фест 2018, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, од 19 до 21 април, ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети, и тоа „Антон Брукнер“ универзитетот од Линц и „Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена“ од Австрија; „Академијата за култура“ од Латвија; „Академијата за музика и театар“ од Литванија; „Национална академија за театарска уметност“ во Краков – Танцов оддел во Битом, Полска, Конзерваториумскиот центар „Данкан“ од Прага, Чешка; Академија за современ танц  од Будимпешта, Унгарија; Академијата за изведувачки уметности од Братислава, Словачка и Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Македонија.

Повеќе од сто млади уметници, студенти и професори од денес пристигнуваат во Скопје. Во Скопје, во Зебра центарот и Кино Култура ќе се одржуваат и работилниците за современ танц кои ги водат професори од академиите и универзитетите кои се во програмата: Агнешка Беднац од Полска, Дамјан Кортез Алберти од Линц, Гедре Јанкоскине од Литванија, Естер Балфе од Виена, Адријана Данчевска од Универзитетот „Гоце Делчев“, Џејмс Хејвисон од „Еџ“ универзитетот од Велика Британија и Маја Хришек од Братислава.

На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во три последователни вечери на 19, 20 и 21 април, со почеток во 20 часот ќе бидат изведени девет современи танцови претстави.

„Share“ фестивалот за прв пат се одржа минатата година во Братислава, Словачка со цел да се постави платформа за соработка на млади современи танчери. Во Братислава фестивалот ќе се одржува секоја втора година, а во меѓувреме ќе патува низ земјите учеснички. Прво гостување на фестивалот е во Македонија.

– Сметаме дека ова е огромна можност за сите вклучени млади уметници, да се запознаат и да разменат уметнички енергии, како и креативни идеји, да отворат можност за нови соработки. Македонија и нашата Катедра за современ танц при УГД, преку оваа програма ги промовира своите квалитети и станува дел од европското друштво на актуелната, современа танцова сцена. Ние имаме што да покажеме и со гордост тоа го правиме. Се радуваме што толку многу млади уметници од областа на танцот, деновиве ќе се движат низ Скопје и Штип и се надеваме на плодни идни соработки – вели Рисима Рисимкин, организатор на „Танц фест“.

Програмата „Share“ се организира во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а Танц фест е поддржан од Министерството за култура и Градот Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...