Потребно е малку време за да утврдите какво ви е здравјето. Со помош на овие шест кратки тестови можете да ги забележите пораките кои ви ги испраќа телото и за тоа време да се консултирате со докторот за да го отстраните евентуалниот здравствен проблем.
1. Белките во очите
Застанете пред огледало и добро погледнете ги своите очи. Ако белките одеднаш добиле жолтеникава боја, можно е да сте поминале премногу време на сонце без заштитни очила. Ако жолтилото не поминува, посоветувајте се со лекар за да го исклучите проблемот со црн дроб.
Црвените очи може да бидат симптом на многубројни проблеми, од алергија до инфекција. Потребно е да се разликува краткотрајното црвенило кое се јавува, на пример, при иритација од паднати трепки или поради повеќечасовно седење пред компјутер – со долготрајното црвенило кое не поминува со денови. Тоа може да биде симптом на алергија и во тој случај обратете се кај вашиот лекар.
2. Издржливост
Недостигот на физичка активност му штети на вашето тело и долготрајно може да биде повод за разни хронични болести. Својата сила и издржливост можете да ги тестирате на едноставен начин. Искачете се по скали до вториот кат од куќата или зградата. Ако сте многу задишани, испотени или сте го изгубиле здивот, тоа значи дека имате многу слаба кондиција, а можеби и проблем со хормоните на штитната жлезда, па затоа проверете.
3. Половина
Познато е дека дебелината на специфични делови од телото може да биде опасна. Така, луѓето кои имаат вишок килограми и истите ги носат на стомак, бедра или други делови, имаат поголеми шанси за развој на болести на срцето, дијабетес и висок крвен притисок. Измерете го обемот на својата половина и ако е повеќе од 90 сантиметри, тоа значи дека е време за некоја диета и вежбање.
4. Кожа
Сувата кожа (особено после туширање) е непријатен проблем, но и предупредување дека на вашето тело нешто му фали. Тестирајте ја кожата така што ќе ја изгрепкате со ноктот на местото на подлактицата. Ако под ноктот ви завршат остатоци кожа или многу видлива трага гребаница, тоа значи дека на вашата кожа и е потребна хидратација однадвор, но и одвнатре. Консумирајте минимално 1,5 литар вода дневно за да го исчистите своето тело и кожа. Долготрајното црвенило или осип можат да бидат знак за алергија или инфекција, па поради тоа посетете лекар.
5. Бенки
Задолжително следете ја состојбата на своите бенки, особено на оние поголемите и изразените. За скенирање на целото тело не ви е потребно многу време, па поради тоа застанете пред огледало и „фрлете“ поглед на нив. Промените на бенките, црвенило, јадеж, крвавење и нагло растење се често бенигни промени кои завршуваат со отстранување на бенката, но можат да бидат и предупредување за сериозни проблеми, па затоа консултирајте се со дерматолог ако ги забележите.
6. Урина и столица
Кога ќе извршите мала и голема нужда, не се срамете и погледнете во тоалетната шолја, бидејќи така можете многу да дознаете за своето здравје. Здравата урина е бистра и со светло жолта боја. Темната и матна урина, пред сè, е знак дека не пиете доволно течности. Ако во урината забележите крв, тоа е главно знак дека имате уринарна инфекција или воспаление на бубрези. Во тој случај веднаш посетете лекар.
Ако јадете храна богата со железо (цвекло, спанаќ, боровинки, капини), вашата столица може да добие потемна боја. Меѓутоа, ако не сте консумирале таква храна, а сте забележале дека столицата ви е многу темна или дури црна, одете на лекар и тестирајте ја столицата на крвавење. Можеби имате внатрешни хемороиди или полипи кои е потребно да се излекуваат и отстранат.