Пробиштип ќе добие 100 литри вода во секунда

256

Сто литри во секунда ќе биде вкупниот капацитет за испорачување вода во Пробиштип со надградбата на филтер-станицата. Овој најголем проект во делот на водоснабдувањето за општината е реализиран со 1,2 милиона евра донација, од кои 600.000 евра обезбеди Словенечкиот центар за меѓународен развој и соработка, а останатите 600.000 евра се од Владата.

Како што беше речено денеска, на настанот по повод завршувањето на проектот „Ревитализација и автоматизација на постоечките објекти за снабдување со вода за пиење во општина Пробиштип“ на кој присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, државниот секретар во Министерството за финансии на Република Словенија Мато Драгон и градоначалникот Драган Анастасов, со надградбата на филтер-станицата во Пробиштип граѓаните и стопанството добиваат дополнителни 25 литри во секунда.

Премиерот Заев ја нагласи континуираната поддршка на Словенија за нашата земја.

– Овојпат и Владата на Република Северна Македонија учествуваше во поддршка на проектот со 600.000 евра што е уште еден израз на посветеноста да го помага и поддржува развојот на општините, на локалните заедници – рече Заев.

Државниот секретар Драгон истакна дека Словенија дава поддршка преку вакви проекти, бидејќи големо внимание посветува на обезбедување основните услови за граѓаните, како и за заштита на животната средина.

– Словенија става акцент посебно на проекти што се наменети за обезбедување здрава вода за пиење, со трајни мерки за ублажување на климатските промени, како и управување со животната средина и рамномерен развој. Проектот „Ревитализација и надградување на постоечките објекти за водоснабдување во Пробиштип“ е пример за добра соработка меѓу владите на Република Северна Македонија и Словенија, како и на фирмите-изведувачи од двете држави – рече Драгон.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека Владата е посветена на ставање во функција на најсовремениот систем за водоснабдување, хидросистемот „Злетовица“, од кој засега вода добиваат само општините Пробиштип и Свети Николе, додека за општините Штип, Лозово и Карбинци оваа и наредната година ќе се инвестираат дополнителни средства за ставање во функција на филтер-станиците, но и за изградба на нови таму каде што нема.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...