Бербата на боровинки во националниот парк „Пелистер“ ќе почне на 28 јули. Вака одлучи ЈУ Национален парк „Пелистер“ – Битола во договор со претставници на фирми кои се занимаваат со откуп на боровинка и други шумски производи.
Обезбедена е и соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Секоја година пред почетокот на сезоната за собирање шумски плодови се врши евидентирање и издавање легитимација за собирачите на шумски плодови, со што процесот на стопанисување со шумските плодови е организиран и легализиран. На заинтересираните граѓани им издаваме посебни дозволи со фотографија и основни податоци за собирачот и на тој начин собирачот може да се движи на територијата на националниот парк, да собира шумски плодови и да ги предаде за откуп на определен откупен пункт. Со ангажираноста на теренот, и со помош на сообраќајната и шумската полиција, како и со овластените фирми за откуп на боровинки, го регулираме собирањето боровинки и други шумски плодови- вели Пеце Цветановски, советник за односи со јавност во ЈУ Национален парк „Пелистер“ – Битола.
ЈУ Национален парк „Пелистер“ очекува до 27 јули да заврши пријавувањето на собирачите на боровинки, како и на фирмите кои ќе потпишат договор за откуп.