Приштина: Од Сирија во Косово вратени 110 лица, 74 се деца, а четворица борци на ИД

275

Од Сирија во Косово во минатата ноќ се вратиле 110 косовски државјани, меѓу кои четворица борци на терористичката џихадистичка група Исламска држава (ИД), 32 жени и 74 деца, од кои девет деца без родители, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на косовската полиција Рашит Ќаљај на денешната прес-конференција, што ја одржа заедно со министерот за правда Абелард Тахири и директорот на Националниот институт за јавно здравство Насер Рамадани, информира дека на четворицата борци на ИД од страна на Специјалното обвинителство на Косово им е одреден 48-часовен притвор.

Извори од Обвинителството за приштинските медиуми изјавија дека станува збор за „лица кои претставуваат висок степен на опасност“ и по кои уште пред неколку години е распишана потерница.

Ќаљај информира дека според оперативните сознанија, во зоните на конфликтот во Сирија и натаму се наоѓаат уште 30 борци, 49 жени и осум деца од Косово, за чие враќање косовските надлежни служби продолжуваат да работат во тесна соработка со САД и другите меѓународни партнери од антитерористичката коалиција.

Министерот за правда Тахири изјави дека специјално одделение на Министерството, кое тој го раководи уште од минатиот октомври интензивно работи, во тесна соработка со американските служби, на враќањето на косовските граѓани кои останале во Сирија.

– Оваа акција праќа јасна порака дека нашата држава не ги напушта своите граѓани и нема да поддржи програми кои се поврзуваат со тероризам, изјави Тахири, најавувајќи интензивни активности за реинтеграција на тие граѓани во општеството, посебно на децата кои поминале тежок трауматичен период.

Министерот за правда ја нагласи, како што рече, „исклучителната улога на САД“ во враќањето на косовските државјани во земјата.

– Не можам да изнесам детали, но без ангажирањето на САД оваа операција не ќе можеше да се изведе, рече Тахири.

Директорот на Институтот за здравство Рамадани информира дека во наредните 72 часа, колку што се очекува вратените од Сирија да останат во центарот за азиланти во местото Вранидол, ќе бидат преземени сите мерки, вклучително и вакцинација, за да се спречи можноста од евентуално пренесување на некоја заразна болест.

Државјаните на Косово кои се наоѓале во областите опфатени со војна во Сирија, беа вратени на приштинскиот аеродром минатата ноќ со авион на кој, според извештаите, можело да се забележи американско знаме.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред неколку недели ги повика европските држави да ги вратат и да им судат на своите граѓани кои учествувале во војната во Сирија на страната на ИД.

Владата на Косово тогаш објави дека ќе дејствува како и другите земји членки на глобалната коалиција против ИД.

Се проценува дека во изминатите шест-седум години во Сирија заминале повеќе од 400 косовски државјани, за да се борат на страната на исламските екстремисти. Над 70 од нив се убиени, додека голем број жени и деца останаа и натаму во воените зони.

Според податоците на косовската полиција од февруари годинава, во воените зони во Сирија тогаш имало уште 56 лица кои се борат на страната на ИД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...