Израелскиот вселенски брод „Берешит“, кој лета на Месечината, ја прати првата фотографија, на која се гледа знамето на Израел, сликана во вселената со селфи-камера, 37.600 километри од Земјата.
На малата плочка поставена под знамето пишува „Народот на Израел живее“ и „Мала земја, големи соништа“, а во заднината се гледа јужната Земјина хемисфера и Австралија. Фотографијата е направена откако минатата недела бил изведен клучен маневр, откако била забележана неисправност на камерата.
Леталото беше лансирано пред две недели од Флорида, на ракетата „Фалкон 9“ на приватната компанија „Спејс икс“ на Илон Маск. Доколку мисијата биде успешна, „Берешит“ ќе биде запаметен како првиот приватен вселенски брод што долетал на Месечината и прв од Израел.
„Берешит“, кој не е поголем од машина за перење алишта, ќе кружи во сè поголеми кругови додека не биде зафатен од тежата на Месечината и не влезе во нејзината орбита. Слетувањето е планирано за 11 април.
ФОТО: Принтскрин/Инстаграм