Прилеп е подготвена за првата фаза на гасификацијата

277

Општина Прилеп е подготвена за реализацијата на првата фаза на гасификацијата. Има обезбедено шест милиони денари за проектната документација. Основниот проект треба да биде готов до крајот на оваа година, рече прилепскиот градоначалник Илија Јованоски претставувајќи ја програмата за гасификација пред стопанствениците од Прилеп во големата сала на локалната самоуправа.

– Компаниите се основните двигатели на стопанството, затоа и првиот од серијата состаноци што ќе ги одржиме, во рамки на првата фаза од проектот ‘Гасификација на Прилеп’ е токму со нив. Од компаниите очекуваме да нè известат за нивните реални потреби во моментот и проектираните капацитети во иднина, со цел да ги проектираме точно првите 20 км гасоводна мрежа во градот – изјави Јованоски.

Тој рече дека бенефитите од гасификацијата на сите им се познати пред сè еколошките, бидејќи се намалува во огромна мерка штетното влијание од другите извори на енергија во животната средина.

– Вака во Прилеп ќе се намали аерозагадувањето. Сакам да ги охрабрам компаниите, за да ја реализираме оваа инвестиција до 2020 година. Бенефитите ќе ги имаат сите подеднакво и фирмите и јавниот сектор и домаќинствата – рече Јованоски

Во подготвителната фаза, секој стопански субјект треба да пополни т.н. енергетска картичка, за висината и количеството на гас, што треба да им се обезбедат. Со анкетата што ќе биде спроведена ќе бидат опфатени и јавниот сектор и домаќинствата. Проектот има вкупно четири фази, а во 2020 година треба да почне изградбата на секундарната мрежа, со приклучување на постојниот гасовод „Гама“.

Според надворешниот советник за проектот „Гасификација на Прилеп“, Кире Настески, гасификацијата е дел од Стратегијата за развој на енергетиката на Македонија. А, кога ќе почне овој проект во Прилеп, во најголема мерка зависи од фирмите и домаќинствата.

Колку побргу заврши анкетата, појасни, се дефинираат реалните потреби на стопанското, на нестопанството и на домаќинството и толку порано ќе имаме реална проекција на потребите. Според него, овие податоци се база за изработката на основниот проект.

– Прилеп е приклучен на Делницата 2, на јазолот Кавадарци – Битола, а снабдувањето со гас ќе се врши преку гасоводот „Гама“. Предвидено е за Прилеп да бидат на располагање 24.000 метри кубни гас на час. Во моментов, во подготовка се идејниот и основниот проект за гасификација. Околу 300 поголеми и помали фирми треба да се приклучат на мрежата. Реализацијата на проектот и одржувањето на мрежата може да се спроведат на два начина, со јавно – приватно партнерство или пак општина Прилеп да основа ново јавно претпријатие за таа намена. Вредноста на главниот цевковод на градот што ќе биде во должина од 20 км, ќе изнесува четири милиони евра – објасни Настески.

Додаде дека најголеми корисници на гасоводот ќе бидат домаќинствата, но во првата фаза сепак ќе се вклучат компаниите и јавниот сектор, а потоа станбените згради и домаќинствата.

Прилепските стопанственици на денешната средба покажаа голем интерес за проектот. Дел од нив забележаа дека во одделни стопански зони во градот, до денеска, не биле изработени детални урбанистички планови.

– Многу често ги слушам овие забелешки дека во градот недостигаат ДУП-ови. Не знам од кои причини досега не биле изработувани, иако се тие темел на која било друга активност. Но, кога станува збор за овој проект, ние како општина ќе мора прво да изработиме ДУП-ови, потоа компаниите да го завршат својот дел, и дури потоа да се реализира проектот. Бидејќи станува збор за обемна активност и капитален проект на градот, денеска ја организираме оваа прва средба. Во иднина, интензивно ќе продолжиме со средби и со другите стопански и нестопански субјекти во градот – рече Јованоски.

На веб страницата на општина Прилеп, prilep.gov.mk ќе биде ставена апликација, со анкетен лист за пополнување, а иста таква анкета ќе се спроведува со домаќинствата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...