„Приватни демони“ е насловот на изложбата која во четврток во 21 часот ќе се отвори во горното фоаје во МКЦ. Станува збор за фотографии од Маја Јаневска-Илиева и Велимир Жерновски.
Изложбата ќе трае сѐ до недела од 12 часот напладне до полноќ.
„Приватни демони“, 2019 се состои од диптиси, серија од две фотографии снимени на иста локација, но на различна светлинска изложеност. Првата е преку ден, на сончева светлина, и го претставува сегментот од јавниот простор во неговата реална состојба. На втората фотографија, во друг светлински третман – ноќе, истиот простор станува приватен и личен, кога уметникот Велимир Жерновски мракот го користи како платно за цртање на неговите фантастични форми. Светлинската интервенцијата на Жерновски е миговна и го оплеменува јавниот просторот интимно, не одземајќи му ништо од неговиот заедничкиот карактер.
Изложбата е во состав на Ин Ситу саемот за уметност. Станува за комерцијален, продажен саем и секој автор учесник има право на продажба на делата со кои изложува.