Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ денеска напладне ќе го претстави романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева кој ја доби наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра прозна книга во 2017 година.
Михајловска-Георгиева е прозаист, есеист и филмски критичар. Покрај „Манастир Фуентерабија“, досега ги има објавено и романите: „Момчето молња“; „Игбал, мојата тајна“; Каменот од Твојот ден-хималајска приказна“ и „Индиго Бомбај“, збирките раскази „Мојата кожа“ и „Дрско црвен кармин“ и книгата есеи „Огледала – лудо билје“. Добитник е на наградите „Рациново признание“ и „Роман на годината“ за 2008 година, како и на повеќе награди за краток расказ.
За нејзината наградена книга „Манастир Фуентерабија“ ќе зборува Виолета Танчева-Златева, а делови од романот ќе чита актерката Сања Арсовска.